ВЕРА БЛАЖЕВСКА, НАЈДОБАР СТУДЕНТ И НАЈДОБАР СПОРТИСТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ „ВИЛИЈАМ ПАТЕРСОН“, ЊУ ЏЕРСИ

Моите родители со скромни примања не испратија мене и брат ми да се образоваме во САД зашто не верувале дека нашиот труд и резултати во спортот и на академско поле ќе бидат соодветно вреднувани и почитувани во Македонија. Мојот пример докажува дека во спортскиот и интелектуалниот труд вреди да се вложи, барем тука во САД. Големи се придобивките и на двете полиња…

 Ништо на светот нема да има значење, ако својот живот не го употребиш за другите. Можеби претешки зборови за млада, 22-годишна девојка, но таа навистина го живее својот живот водена од оваа реченица. Потребни се само неколку минути за разговор со Вера Блажевска и веќе ви е јасно дека зад прекрасната насмевка е ведар дух кој не се предава. Како што граба во водата додека плива 100 метри градно, една од нејзините три омилени дисциплини.

Малото бестрашно девојче кое на седум години патувало само од Скопје од Њујорк денес е сениорски шампион во пливање во неколку дисциплини во Република Македонија, а во минатиот месец држеше почесен говор на Универзитетот „Вилијам Пaтерсон“ во Њу Џерси, каде беше прогласена за најдобар студент и најдобар спортист.

Но, да се биде најдобар не е ништо ново, ниту чудно во семејството Блажевски. Татко ѝ, Боро Блажевски, професионален тренер во скопскиот пливачки клуб „Вардар“ е причината поради која почнала да плива, кој ѝ ја вградил „пливачката основа“. Тука е и влијанието од братот, Марко Блажевски (кој двапати учествуваше на Олимписките игри), кој отсекогаш ѝ бил пример. И нејзиниот компетитивен карактер, кој секогаш се обидувал да го победи Марко.

– Ним им должам, и на мајка ми Нарциса – вели Вера.

Вера има добиено многу награди и признанија. Прогласена е за пливач на годината на Спортстката конференција во Њу Џерси, воведена во Chi-Alpha-Sigma chapter бидејќи е студент со висок просек (во САД највисокиот е 4.00, а нејзиниот во моментот е 3.8), била спортист на неделата на ниво на Универзитетот, а секој семестар во изминатите четири години била на листата на која деканот фали студенти со висок просек.

– Исклучително сум почестена што ги добив овие престижни награди; премногу емоции во исто време. Малку сум тажна бидејќи ова е крај на досега најубавите години во мојот живот. Наградите беа само цреша на врвот на ова убаво патување – вели Вера.

Таа не може да се сети кога се вљубила во пливањето – едноставно не го памети периодот кога не пливала. Не се сеќава ниту како научила да плива, кога првпат лебдела на грб во вода, кога прват запливала без помагала.

– Некаде помеѓу првата трка, кога ми испаднаа наочарите за пливање и плачејќи, излегов од базенот и мојот прв меѓународен настап за мојот клуб „Вардар“, се вљубив во овој спорт. Но, додека не се преселив во САД и не направив двегодишна пауза од натпреварувачко пливање, немав сфатено колкава била мојата страст и љубов кон овој спорт. Можеби звучи како клише, но е жива вистина – не знаеш што имаш, додека не го изгубиш – раскажува Вера.

– Длабоко во себе знаев дека можам да дадам многу повеќе, но тоа не можев да го постигнам со тренинг од три месеци. За среќа, тоа го забележа мојот тогашен тренер. Двете бевме многу блиски. Иако ѝ кажав дека со завршувањето на средно училиште завршувам и со пливањето, таа знаеше дека вистински не го сакам тоа. Исконтактира со тренерот во „Вилијам Пaтерсон“ и ме пријави за регрутација. Наскоро откако се сретнав со тренерот и го запознав тимот, нешто кликна. Исчезнаа сите сомнежи дали да продолжам да пливам, дали сум доволно добра. Се чувствував добредојдена во тимот, особено од страна на тренерот. Се чувствував како дома. Наскоро се посветив на тоа да бидам студент-спортист во „Вилијам Пaтерсон“- ја продолжува Вера приказната.

Еден работен ден на студент-спортист е сосема различен од секојдневието на обичен студент. Да се биде меѓу најдобрите на две посебни, еднакво напорни полиња подразбира и откажувања од многу работи. Но, Вера никогаш не се запрашала што значи да се биде број еден. Вели дека прекрасно е чувството да си го слушнете името како пливач на годината, или да добиете признание како исклучителен студент, но таа на тоа повеќе гледа како привилегија.

Следувале нови успеси. Секоја година, подобра од претходната. За четири години урнала шест рекорди, нејзиното име шест пати е испишано на ѕидот од пливачкиот базен на универзитетот. Во трета година била прогласена за ко-пливач на годината (заедно со уште еден пливач), жена на годината и пливач на годината оваа година. Лани настапила и на зимското државно првенство на Република Македонија, во четири дисциплини (50м., 100м., 200м. градно и 200м. мешано) и во сите била сениорски шампион на Македонија.

извор: www.fakulteti.mk

Leave a comment

Please note, comments must be approved before they are published