ИГОР СТЕФАНОВСКИ, ПОБЕДНИКОТ ОД ИМОЛА: Иџе го чека автомобилот за победи во 2017 година (Фото+Видео)
После две одлични сезони на ридските патеки, каде што доминираше и освојуваше титули, Игор Стефановски-Иџе во 2016 година се појави на кружните патеки и се најде во битка за победите во ЕТЦЦ-серијата. Заврши на 10 место во генералниот пласман со 14 бода, а беше само еден од четворицата што дојдоа до победа на некоја од трките.
Веќе се размислува и за 2017 година, но сосема извесно е дека работите одат тешко.
– Дел од моите противници веќе ги имаат завршено сите обврски за следната година. Тоа значи дека го решиле буџетот и воедно имаат и автомобил со кој ќе возат. Веројатно некои од нив имаат и почнато со тестирање. Јас засега сум во очекување на мојот тим Леин рејсинг. Имаме проблеми со финансискиот дел и потребно е време да се затвори финансиската конструкција. Оптимист сум во однос на ова и мислам дека навреме ќе се заврши сè за да можеме да бидеме дел од натпреварите. Очекувам позитивни вести – вели Игор Стефановски-Иџе.
Иако се работи за поинакво натпреварување од формула 1, според Иџе овој спорт е речиси идентичен со минимални разлики.
– Кога ќе се спореди на патеката и нема разлика. Правилата за возење се исти. Разликата е во буџетите. Се работи за многу помали буџети. Во другото нема многу разлика, така што и овде е еднакво тешко на патеката.
Во 2016 година натпреварите на кружни патеки беа прво вакво искуство за Иџе во ЕТЦЦ-серијата.
– Тргнав со Лема, но автомобилот што го возев не одговараше на она што го договоривме. Клубот не испочитува некои работи, така што мораше да се разделиме. Се работеше за автомобил со стара спецификација, така што морав да одам во друг тим со кој почнавме да работиме на Имола и резултатите се видоа веднаш. Успеав да победам на првата трка.
Соработката треба да продолжи и во следната 2017 година, а тогаш се очекува многу повеќе од Стефановски.
– Доколку тимот го среди финансискиот дел за 2017 година, тогаш влегувам амбициозно во новата сезона. Јас секогаш возам за победа. Никогаш не сум размислувал поинаку. Мојата цел е секогаш да се натпреварувам најдобро што можам и да бидам меѓу најдобрите. Има силна конкуренција, но на Имола покажав дека можам да се натпреварувам. Дури и на втората трка на Имола имав добра трка до моментот кога бев истуркан од патеката поради некоја игра.
Возењето на кружни и ридски патеки носи различни предизвици, а според Иџе многу е потешко кога се борите сам со височините.
– Потешко е да се биде сам на патеката и да се вози низ планините. Во минатите две години кога се натпреварував на ридските патеки имаше многу тешки инциденти. На патека е поинаку. Тука се повеќе болиди и се вози поинаку.
Во Македонија во минатото имаше многу натпревари и на кружни патеки, но и на ридски.
– Јас сум десеткратен првак на Македонија и тука ги направив првите чекори. Тие натпревари ми помогнаа многу да дојдам до ова ниво на кое сум сега. Токму поради тоа, мислам дека треба одново враќање на тие натпревари. Јас веќе ја понудив мојата помош и помошта на мојот тим бидејќи такви трки се потребни – коментираше Стефановски.
Тој засега е во мирување, но дефинитивно штом добие болид и гаранција за следната сезона почнува со работа, а сигурно и во новата 2017 година ќе се чекаат победи. Со добар болид тој сигурно може до победа без разлика кој е покрај него на патеката.
За сите детали околу плановите на Иџе за 2017 година и за сето она што се случуваше во 2016 година може погледнете и слушнете во продолжение.
Извор: telegraf.mk
Leave a comment
Please note, comments must be approved before they are published