Милена Арсовска – Од „Златно славејче“ до светските оперски сцени
„Гласот на славејот“ е насловен претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, на кој со оркестарот ќе раководи маестро Даниел Рајскин од Русија, а како солист ќе настапи сопранистка Милена Арсовска, една од најистакнатите македонски оперски певици која годиниве наназад успешно ја гради кариерата на европските сцени.
Милена Арсовска, некогашното распеано девојченце чиј талент бил забележан уште во една од скопските градинки и потем потврден на фестивалот „Златно славејче“, сопранистката која дипломира соло-пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје и магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена, денес е една од најистакнатите македонски оперски певици со европска кариера.
Со ангажмани на сцените и во Магдебург и Прага, репертоар кој ги вклучува улогите на Лаурета во „Џани Скики“, Памина и Папагена во „Волшебната флејта“, Евридика во „Орфеј во подземјето“, Блонда во „Грабнување од сарајот“ и Церлина во „Дон Џовани“, неколку снимени изданија (од кои според критичарите особено е бележита нејзината изведба на „Чичестерови псалми“ од Леонард Бернштајн со Камерниот оркестар на Виена), турнеи низ Германија, Италија, Шведска, Шпанија, Франција, Малта, Холандија и САД, таа недвојбено го живее својот интернационален уметнички сон.
„Најискрено да ви кажам уште од прва година средно музичко училиште мојот сон беше Виена. Од каде дојде тоа, не се сеќавам, но отсекогаш сакав токму таму да пеам. Тоа беше мојот вистински сон. Во почеток не можеше да се реализира од многу работи, но по завршувањето на факултетот едноставно започнав да се трудам тоа да го направам. Сè почесто бев на мастер класови таму, да размислувам како да се усовршам, да станам подобар уметник, да научам нешто повеќе. И едноставно се поклопија коцките. Сега го живеам својот сон – да бидам дел од светската оперска сцена“, вели Арсовска.
Tаа дополнува дека патот до обистинувањето и не бил така лесен. Дека особено тешко и паднала разделбата со најмилите, дека морала многу да вложува во усовршувањето, учењето јазици, постојаните селидби, но дека кога човек ќе се најде пред вратата на успехот, решен е да жртвува многу нешта за да стигне до целта.
„Јас сум борец и тоа силно ме мотивираше. Една таква средина ме направи појака и ми покажа дека со труд сè се постигнува. Дека работата и дисциплината се единствениот пат до успехот. И многу сум среќна поради таа животна школа што ја научив таму. Видете, сите имаат талент, ама талентот е само мал процент од нештата. Работата е како тој талент да го задржиш и мислам дека успешни се оние кои остануваат дословни на тоа колку ќе работат и како ќе го издржат целиот товар којшто го носи професијата“, појаснува Арсовска.
Од друга страна, таа истакнува дека нималку не и е лесен номадскиот живот што засега мора да го живее. Во изминативе две години Милена е ангажирана во Национална опера Прага, во Национален театар Острава исто така во Чешка, во Националниот театар Магдебург и оној во Вајмар во Германија, а живее во Виена каде што е често на концертните подиуми.
„Поминав шест години во МОБ и тоа е првата моја оперска куќа. Таму првпат застанав на сцена, научив како е да се биде дел од еден ансамбл, како да се учествува во еден проект, работи кои потоа ми помогнаа да бидам успешна во Европа. Во секој случај, би ми било огромно задоволството повторно да настапам во МОБ. Се надевам дека набрзо ќе стапиме во контакт и дека од тоа ќе произлезе некаков договор за една идна убава соработка“, вели Арсовска.
извор: www.slobodnaevropa.mk
Leave a comment
Please note, comments must be approved before they are published